EXCLUSIVE MK
Автомобили ТЕХНОЛОГИЈА

BMW за секоја пригода: Active Tourer од серијата 2 во ново издание

Серијата 2 нуди најголема разновидност во понудата од модели на BMW, од купе и кабриолет, преку купе-лимузина, до хибрид со погон на сите тркала, плус ван што ги претставува гените на BMW во секоја пригода. Поточно, два вана, Active Tourer и Gran Tourer.

Голема функционалност во компактна каросерија, заедно со уживање во возењето што е својствено за марката. Тоа е матрицата според која што BMW ја развиваше и втората генерација на компактниот ван што се води како Active Tourer од серијата 2. Минхен со овој модел цели на луѓе што се активни и негуваат посебен животен стил. Ракувањето остана едноставно, повеќе е нагласен динамичниот карактер на моделот, а сериската опременост според BMW е побогата од кој било конкурент.

Испораките стартуваат во февруари 2022, со четири моделски изведби со моќност од 136 до 218 КС. Подоцна следат два хибриди, како и верзии со погон на сите тркала. Производството е во Лајпцих. Како и сите модели од нова генерација, така и Active Tourer од серијата 2 има платформа што е приспособена и за класични мотори и за електрифициран погон.

Во дизајнот се применети елементи од кросовер, каросеријата е развлечена заради поголема динамика, носот јасно покажува карактер на BMW. Бубрезите во маската имаат поголеми димензии од порано, со што дополнително се нагласуваат тесните светла. Во нив работи комплетно диодна техника. Со доплата се вградуваат приспособливи диодни светла, вклучувајќи матрично долго светло што не ги заслепува возачите отспротива.

Прегледноста е подобрена со новата форма на предните столбови. Опашто изгледа моќно, издувните цевки се сокриени во задниот браник кај сите моделски изведби. Тркалата стандардно имаат пречник од 16 или 17 инчи, опција се 19 инчи. Освен во основната изведба, Active Tourer ќе се нуди и во варијанта Luxury Line, како и во спортска M-варијанта. За каросеријата може да се избира меѓу 11 бои.

Најголемата свежина што ја донесува новиот Active Tourer е во кокпитот по пример на BMW iX

Формата на кокпитот се раководи според техно-знаменосецот, електричниот BMW iX. Тоа дава чувство на премиум возило, за што секако дека придонесува и широкиот заоблен дисплеј. Бројот на прекинувачи е сведен на најмала можна мера.

Седиштата нудат комфор и за подолги патувања, опција за спортски седишта секако не недостига. Работено е многу на акустичниот комфор, има и бројни дополнителни зафати за безбедноста да се подигне на уште повисоко ниво. Меѓу возачот и совозачот се отвора дополнителна воздушна перница во случај на страничен судир.

Задната клупа може да се исправи, со што се добиваат екстра 90 литри во багажникот. Клупата исто така лизга 13 сантиметри по должина и поделена е на три дела. Во случајот на BMW 218i Active Tourer и BMW 218d Active Tourer, багажникот располага со 470 литри, до најмногу 1.455 литри. Автоматско отворање на задниот поклопец е стандардна опрема. Опција е влечна кука што се извлекува со помош на електромотор.

Во погонската спрега, седумстепен менувач со двојна спојка е стандард кај сите моделски изведби. BMW 223i Active-Tourer и BMW 220i Active Tourer се изведени како благи хибриди, со 48-волтен стартер-генератор, во нова генерација. Стартер-генераторот, што практичнио е електромотор, вграден е во менувачот и располага со моќност од 14 kW (19 КС).

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Јутјуб нуди поширока употреба на „слика во слика“

Angela

Бустер дозата повторно ја зголеми заштитата од хоспитализација

Angela

Зимски неволји: Што да направите ако ви замрзне рачната сопирачка?

Angela