По седум години на пазарот, Porsche Macan го доживеа својот втор фејслифт. Наследник секако дека ќе има, но тој ќе се нуди само во изведба со електричен погон и ќе се појави во 2023 година. Освеженото моделско годиште ќе стартува со испорака во октомври.
Промените во изгледот на Porsche Macan одвај се забележуваат. Маската во браникот доби понагласена спортска форма и два вертикални гребени во боја на каросеријата. Светлата исто така добија нова графика. Масивниот дифузор назад е во стилот на Taycan Cross Turismo, со таа разлика што кај Macan има и издувни цевки. Палетата е збогатена со три нови бои, на располагање стојат седум нови дизајни на тркалата. Основниот модел сега лежи на тркала од 19 инчи, место 18 инчи.
Средишната конзола повеќе не е преплавена со копчиња. Место тоа во просторот околу новата рачка за бирање се наоѓаат сензорски полиња. Ракувањето со климата под дисплејот на инфо-забавниот систем исто така се врши преку допир. Останаа само два вртливи регулатори. Моделското освежување во кабината го комплетираат нови волани од 911 и неколку нови пакети опрема, кои содржат вештачка кожа, микрофибер и украсни штепови во контрастни бои.
Најмногу промени има кај моторите. Основниот четирицилиндарец претрпе темелна преработка и сега располага со 265 КС и 400 њутнметри (+20 КС и +30 Nm во споредба со претходникот). Во Macan S работи 2,9-литарски V6 со 380 КС и 520 њутнметри (+26 КС, +40 Nm). Нов топ-модел отсега е GTS, со 2,9-литарски V6 со 440 КС и 550 Nm (+60 КС, +30 Nm), во замена за Macan Turbo кој повеќе не се нуди во гамата. Има зафати и во подвозјето, кои имаат за цел возењето да го направат уште подинамично. Дизел мотори, приклучни хибриди, благи хибриди, Porsche не вградува во својот Macan.
Топ-моделот Macan GTS се препознава по црните акценти, по украсните делови во боја на каросеријата и по посебните тркала од 21 инчи. Спортските сопирачки се стандард, исто како активната амортизација и спортски дотераните амортизери.
Пораснаа и цените на освеженото моделско годиште на Porsche Macan. Основната изведба во ценовникот за Германија стартува од 62.917 евра. Со повисоката цена сепак следи повеќе сериска опрема и повисока моќност.