Заради подобро поврзување на фабриката во Гринхајде, во близина на Берлин, Tesla купи постоечка железничка пруга од групацијата за регионална железница DRE.
Американскиот производител на електрични автомобили ќе користи сопствен превоз со воз, во времето додека биде пуштена во сообраќај новата железничка станица во Фангшлојзе. Германското министерство за сообраќај и инфраструктура соопшти дека Tesla ќе ги преземе сите активности околу проектирањето, изградбата и управувањето со железничкиот превоз.
Вистинската причина за компанијата на Илон Маск да се реши на овој чекор е од сосема друга природа. Работниците што ќе патуваат со возот повеќе нема да поминуваат покрај канцеларијата на влијателниот работнички синдикат на IG Metall. Синдикатот отвори канцеларија во рамките на старата железничка станица Фангшлојзе, со цел вработените во Tesla да ги наведе да потпишат синдикален договор. Сепак нема официјална потврда дали тоа е вистинската причина за Tesla да реши да организира сопствен железнички превоз.
Шефот Илон Маск се надеваше дека производството на електрични автомобили во Гринхајде ќе стартува уште во текот на минатата година. Постапката за издавање одобрение се оддолжи, откако налогот за градба беше проширен со изградба на фабрика за батерии. Според министерството за животна средина, проверките веќе се наоѓаат во завршна фаза. Tesla гради во Гринхајде врз основа на привремени одобренија. Во фабриката веќе почна пробно производство, заради вообичаена проверка на функционирањето на погоните и на организацијата.
При целосно искористување на капацитетот, во првата фабрика на Tesla во Европа ќе се произведуваат 500.000 електрични автомобили годишно.