EXCLUSIVE MK
ВЕСТИ Македонија НАСЛОВНА

„На улица учиме, а под мост спиеме, борба за живот е…“

10 декември 1948 е датумот и годината кога Генералното собрание на Обединетите нации ќе запише во член 26 дека сeкoj имa прaвo нa oбрaзoвaниe. Сепак и по шест децении од тогаш во светот безмалку 300 милиони деца не го уживаат тоа право. За жал, во Македонија нема точен податок колку деца се без право на образование.

„Има мали деца, жени што на раце носат бебиња… Сите просиме…“, вели Брзи. Вака ни се претстави 30 годишниот маж, кој со невенчаната сопруга и петте малолетни деца питачи и мие стакла на автомобили на фрекфентните раскрсници во Скопје.

Меморијата добро го држи. Се присетува дека уште како мал го добил прекарот Брзи. Од сите деца кои живееле под мостот, непосредно во центарот на градот под Водно, тој бил најбрз во миењето стакла на автомобилите. Брзи е без лична карта, како и неговата сопруга. Нивните деца имаат имиња, но сами им ги дале, без да бидат запишани во матичната книга на родени. Брзи, неговата сопруга и децата се само фантоми за државата и питачи за случајните минувачи.

За еден проблем да се реши треба да се знае колкав е. Министерството за труд и социјална политика проценува дека се околу двесте до триста. Меѓу нив се и оние на Брзи, кој вели, тој така растел така растат и неговите потомци.

„Има многу деца, секој ден се тука. Има и жени кои ги носат бебињата во рака. И тие истото го работат како мене, просат. Мора да се преживее, од државата ништо нема.  Децата се снаоѓаат, ќе питачат и ќе заработат некој денар, па така ќе преживеат“, раскажува Брзи додека со поглед ги брои пропуштените автомобили додека разговара со нас.

Членот 201 од кривичниот законик предвидува од една до десет години затвор за лица кои наведуваат деца на питачење. Статистиките пак покажуваат дека ретко никој одговарал за вакво дело.

Ковид пандемијата само ги потврди проблемите и предизвиците со кои се соочуваат децата со низок социо-економски статус и нивните семејства. Немањето основни елементарни услови за живот, а не пак пристап до ИТ технологија, остави стотина деца од ромската заедница без пристап до било какво образование. Од Ромскиот едукативен Фонд апелираат државата да го стави фокусот на образованието како основен чекор за развој во секоја друга сфера.

„Се уште гледаме дена на улица кои се без никаква институционална поддршка. Државата треба да ги ги зголеми средствата за јавни политики и програми преку кои ќе го поддржи образованието за деца од ова категорија, но и намалување на бројот на неписмени лица“.

Последните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава без или со основно образование се 73.023 лица, од кои повеќе од половина жени, односно 38.533.

На терен бројките покажуваат дека во основното образование се вклучени околу 10 000 ученици, во средно 2 000, а во секоја академска година се запишувале по скоро 300 студенти, но досега завршиле 600.

Од канцеларијата на Народниот правобранител сметаат дека мерките кои ги превзема државата за сузбивање на појавата деца на улица не го даваат потребниот квалитет.

„Ние и претходно во нашите посебни извештаи, кои ги изработуваме како резултат на согледување на состојбата со деца на улица, укажуваме дека не е доволно детето да се одземе од родителот и да се смести во друго семејство или установа. Потребно е да се работи со семејството, со детето, но и да се обезбеди едно такво семејство да има пристојни услови за живот. Зборуваме за семејства кои се без или со многу ниско образование и живеат само со приход од државата како социјана помош. Ако не се работи со семејството за тоа што е родителско право, обврска и грижа за децата, но и кои се последиците особено врз развојот на децата ние секогаш ќе ги имаме тие појави во општеството. Сметаме дека е потребно системско решение“.

Здравствената криза, која се чини полека завршува, силно удри врз сиромаштијата, а со тоа се зголеми и бројот на малолетници кои питачат, велат од првата детска амбасада Меѓаши. Нивните проценки укажуваат дека во Македонија има околу 1.500 деца фантоми, кои немаат извод на родените со што се сосема надвор од системот. Ставот на Меѓаши е дека штом овие деца постојано питачат на улица се доказ за системска негрижа за овие категории на граѓани.

„Секое дете кое ќе биде вклучено во образовниот процес од најмали нозе значи едно дете помалку на улица. Овие деца, генерално, не следат настава, а ја имаат испуштено како последица на немањето соодветна документација за упис. Сепак на тоа не треба да се гледа како на завршена работа, напротив треба да се надополни изгубеното знаење кај овие деца, па макар и да се позвозрасни“.

Од МТСП велат дека на ниво град Скопје функционираат два дневни центри кои на деца од ризик им пружаат дневни услуги како исхрана, поддршка во личната хигиена, учење на животни вештини, подготовка за воспитно образновниот процес. Истовремено, во овие дневни центри се работи и со родителите на овие деца со цел социјална интеграција во средината каде што живеат.

Од 2011 година, 12 април е меѓународен ден на деца од улица. Секоја година Конзорциумот за деца на улица (GSC), една од водечките меѓународни мрежи за остварување на правата на децата на улица во светот го одбележува тој ден со низа слогани, пораки, говори… Низ годините гласно одекуваше пораката дека е нехумано давање пари на дете што питачи. Причината за ваквото мото, а еден вид и мерка за сузбивање на појавата деца на улица, надлежните ја образложија дека дете кое питачи ако се врати дома со пари утре пак ќе биде на улица.

За повеќето психолози ваквиот потег отвора прашања и дилеми дали тоа дете ќе помине без ќотек дека нема заработка, дали ќе добие некаков оброк и дали на крајот од целата оваа приказна некој ќе го заштити.

И додека априлските сончеви зраци се кршеа низ меурчињата сапуница во кантата со гнасна вода, со која Брзи трча низ раскрсницата да измие автомобил повеќе, со воздишка и горчлив трепет во гласот викна:

„На улица учиме, а под мост спиеме, борба за живот е…“

Децата и бебињата на Брзи и утре повторно ќе бидат на улица, трчајќи од еден до друг автомобил за парче леб.

Автор: Димитар Бабалков

Текстот е изработен во рамки на проектот “Инспирирај, мотивирај, делувај за подобро
образование“, кој е дел од ARISE (Action for Reducing Inequalities in Education) и е
спроведен од страна на Центар за социјални иницијативи НАДЕЖ, а е финансиски
поддржан од ЕУ. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин
не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на
Европската Унија.

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Еве што ќе ви се случи ако престанете да имате редовен секс

Angela

ВИДЕО: Само она има храброст да облече вакви бикини -сите на плажа гледаа во Сораја

Angela

МОТИВАЦИЈА: Зошто треба да поставите системи, а не цели? (ВИДЕО)

Angela