EXCLUSIVE MK
Медицина НАСЛОВНА

Е-цигарите се опасни по здравјето, предупредува СЗО и бара построги регулативи

Електронските цигари и други слични производи се опасни по здравјето и нивната употреба треба да се регулира, со цел да се спречи тутунската индустрија да „регрутира“ потенцијални купувачи од самиот почеток, предупреди вчера Светската здравствена организација (СЗО).

„Никотинот предизвикува силна зависност, а електронските инхалатори за никотин се исто толку опасни, па нивната употреба треба да биде подобро регулирана“, рече шефот на агенцијата на ООН, Тедрос Аданом Гебрејесус, кој вчера го презентираше новиот извештај за борба против пушењето.

Во извештајот се вели дека производителите на такви производи, чија палета продолжува да се шири, честопати се насочени кон деца и адолесценти кои ги привлекуваат со илјадници различни вкусови (во извештајот се наведува дека има дури 16.000).

Мајкл Блумберг, милијардер и поранешен градоначалник на Њујорк, кој долго време се занимаваше со борба против пушењето, ги осуди тактиките на тутунските компании.

„Со оглед на забележаниот пад на продажбата на цигари, тутунските компании агресивно промовираат нови производи како што се е-цигари или слични производи од тутун и лобираат кај владите, барајќи од нив да ги ограничат постојните прописи. Нивната цел е едноставна: да придобијат нова генерација на зависници од никотин и не можеме да им дозволиме да го сторат тоа “, рече Блумберг.

Затоа, шефот на СЗО смета дека во земјите каде овие производи не се забранети, „владите треба да донесат соодветни мерки за да го заштитат нивното население од опасностите што ги носи електронскиот инхалатор за никотин и да се спречи нивната употреба кај деца, адолесценти и други групи здрави луѓе“.

Агенцијата на ООН е особено загрижена за употребата на електронски цигари кај оние на возраст под 20 години заради штетните ефекти на никотинот врз развојот на мозокот на оваа чувствителна возраст и за опасностите што одредени состојки можат да ги претставуваат.

Децата кои користат електронски цигари имаат поголема веројатност да продолжат да пушат подоцна

Агенцијата проценува дека децата кои користат е-цигари имаат многу поголема веројатност да продолжат да пушат подоцна.

Но, регулирањето на овој домен не е лесна задача затоа што тоа е „разновидност на производи што еволуираат многу брзо“, рече д-р Рудигер Креч, директор за унапредување на здравјето при Светската здравствена организација, додавајќи: „Ова е еден од начините на кој производителите користат да ги поткопаат регулативите и контролните мерки.”

СЗО им препорачува на владите да сторат сѐ што можат за да ги спречат непушачите да пристапат до е-цигари, плашејќи се од повторно појавување на пушењето, особено кај младите луѓе.

Според извештајот на агенцијата на ООН, употребата на електронски цигари е забранета во 32 земји, а 79 од нив имаат усвоено барем една мерка што ја ограничува нивната употреба, на пример – забрана за рекламирање.

Дури 84 земји во светот немаат регулатива

Во исто време, СЗО посочува дека дури 84 земји во светот немаат прописи што би ја спречиле продажбата на овие производи.

Агенцијата исто така привлекува внимание на фактот дека нивните напори за регулирање на електронските цигари не треба да го одвлекуваат вниманието од борбата против пушењето.

И иако процентот на пушачи е намален во многу земји, растот на глобалната популација значи дека вкупниот број на пушачи „останува подеднакво висок“, се вели во извештајот на СЗО, додавајќи дека пушењето убива 8 милиони пушачи годишно, вклучувајќи и еден милион пасивни пушачи.

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Домашна маска за лице од само 3 состојки

Angela

Раното будење носи ризик од болести, грижете се за својот сон

Angela

И СУДОТ ВО БРИТАНИЈА МУ ГО СВРТИ ГРБОТ – Принцот Хари загуби на суд, кога ќе го слушне ова ќе се разочара од својата земја како никогаш порано

Angela